Прирачникот за спречување и заштита од дискриминација во воспитно-образовниот систем во Република Македонија е издаден од Министерството за образование и наука, со поддршка на „Националниот ромски центар“ од Куманово, во рамките на проектот „Кампања за образование на Ромите“ финансирана од „Ромскиот образовен фонд“ од Будимпешта.

28 септември 2010
Скопје

Прирачникот кој е наменет да ја спречи дискриминацијата во воспитно-образовниот систем, беше претставен денеска и од него се очекува да помогне во прифаќањето на различностите низ училиштата во Македонија.

Прирачникот, чиј издавач е Министерството за образование и наука, има за цел да ја подобри и зајакне соработката и координацијата меѓу сите надлежни институции и индивидуи вклучени во воспитно-образовниот систем, во насока на обезбедување на еднакви услови и можности за квалитетно образование на сите ученици без разлика на верска, национална, религиозна или каква било друга основа.

Прирачникот е публикуван во согласност со Националната стратегија за Роми, Меѓународанта иницијатива „Декада за вклучување на Ромите 2005-2015“, како и акциониот и оперативниот план за образование и сите останати стратешки документи на Министерството за образование и наука.

Она што за нас е многу важно е тоа што министерството за образование е прва институција од институциите на централно ниво која почнува да развива програми и стратегии за прашањето на дискриминација откако е донесен законот за заштита од дискриминација и верувам дека ова ќе ги поттикне и другите институции да развиваат свои стратегии во оваа насока,“ рече Реџеп али Чупи, Директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците.

Прирачникот произлезе како резултат на заедничката активност на Министерството за образование и наука, Здружението на граѓани „Национален ромски центар“ и Ромскиот образовен форум од Будимпешта во рамките на проектот „Кампања за образование на Ромите – вклучување и континуитет во образовниот процес“. Оваа публикација претставува и наш придонес за идентификување на можните начини на дискриминација презентирање на добрите можни практики и воведување на мерки на позитивна дискриминација кои ќе доведат до забрзано изедначување на можностите за подеднакво уживање на правото на образование и надминување на стереотипите, потенцираше Тодоров.

Министерот за образование и наука, Никола Тодоров, рече дека е сигурен дека овој прирачник многу ќе ја промени матрицата за начинот на размислување и начинот на прифаќање на различностите и ќе биде сигурно една добра алатка за справување со дискриминацијата која се појавува во различни облици, и различни форми и во различен интензитет, во различни делови од Македонија

Јас ова го гледам како уште една слика во мозаикот што го градиме во Македонија, односно за начинот на кој сите ние ја градиме Македонија како функционална, мултинационална демократија во која сите граѓани без разлика на нивната национална припадност, полот, расата, вероисповест, и јазикот на кој говорат, ќе ги имаат истите права и ќе ги уживаат истите права како сите граѓани во Македонија“, рече министерот Тодоров.

Според него, Прирачникот претставува корисна алатка и придонес за правилно планирање, реализација и контрола на воспитно – образовниот процес, како и за промоција на антидискриминациска политика.

Прирачникот може да го користат сите ученици, наставници и родители, односно сите засегнати во образовниот процес без разлика на етничка, национална, верска или друга припадност. Со неговото разбирање и применување се почитуваат правата, улогата и одговорностите кои се дефинирани со релевантната законска регулатива, додаде министерот Тодоров.

Прирачникот за спречување и заштита од дискриминација во воспитно-образовниот систем во Република Македонија е издаден од Министерството за образование и наука, со финансиска и стручна поддршка на „Националниот ромски центар- Куманово“ во рамките на проектот „Кампања за образование на Ромите“ финансирана од „Ромскиот образовен фонд“