За родителите што нема да ги запишат децата в училиште, покрај досегашните казни се предвидува да им биде укината и социјалната помош, ако се корисници.

Социјално загрозените семејства ќе останат без парична помош од државата ако родителите не ги запишат децата во основното образование. Социјалната помош ќе се укине и за родителите што нема да ги запишат децата и во средното образование, ако тоа в година стане задолжително. Тоа е мерката за стимулација за целосен опфат на децата во образованието што ќе почне да се применува од идната учебна година.

Стимулативната мерка се предвидува да се вметне во новиот закон за социјална заштита, кој ќе го подготви Министерството за труд и социјална политика, а моментно на мерки за опфат на што повеќе деца во образованието работат и во Министерството за образование. Според статистичките податоци, социјална помош користат вкупно 65.960 домаќинства.

Социјално загрозените семејства што добиваат помош од државата, ќе продолжат да ја примаат ако децата ги запишат во училиште. Лекарското уверение дека детето ги примило сите неопходни вакцини за возраст кога тоа треба да почне на училиште и потврда од училиштето дека е запишано таму, ќе биде доказ дека детето е вклучено во образованието. Само така социјално загрозените семејства ќе може да продолжат да користат социјална помош – вели Жаклина Величковска, портпарол во Министерството за труд и социјална политика.


Министерот за образование Сулејман Рушити најавува дека лекарските прегледи ќе се обезбедат како помош на социјално загрозените семејства преку проект што ресорот ќе го спроведе со Светската банка. Но, Рушити најавува дека нема да се заборават ниту казнените мерки предвидени во Законот за основното образование за родителите што не ги запишуваат децата во училиште. Законот предвидува парична казна од 5 до 20 илјади денари за родителот или старателот ако не го запише своето дете во подготвителната година или ако не го пушта редовно на настава. Доброупатените велат дека членот постоел од порано, но оти училиштата и просветните инспектори им „прогледувале низ прсти“ и родителите не биле казнувани.

Според анализи на Министерството за образование направени во изминатите години, најголем процент на деца што не се вклучени во образовниот процес се од ромска националност. Следуваат деца од албанска и од турска националност.

Во Државниот просветен инспекторат велат дека во 2005 година, од прво до осмо одделение не биле опфатени вкупно 758 деца, од кои најмногу, односно 316 биле од албанска националност. Таму велат дека сè уште се обработуваат таквите податоци за 2006 година.

Во подготвителната настава во 2005 година не биле запишани 122 деца. Од нив најмногу се од турска националност. Од прво до четврто одделение не се опфатени 180 деца, најмногу од ромска националност. Од петто до осмо одделение не биле опфатени 578 деца, од нив најбројни се тие од албанска националност. Во 276 случаи причина зошто децата не се вклучени во образованието е дека семејствата се преселиле во странство. Во сите случаи се работи за лица од албанска националност. За децата од другите националности не ги знаеме причините зошто тие деца не се в училиште. Во 2005 година во 461 случај, поднесени се 201 прекршочна пријава – вели Ѓорѓи Николов, директор на Просветниот инспекторат.

Љубица Гроздановска
Дневник
09.01.2007