ПРОМОЦИЈА И ДИСТРИБУЦИЈА НА ПРИРАЧНИКОТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ВО ВОСПИТНО-ОБРАЗОВЕН ПРОЦЕС ВО Р. МАКЕДОНИЈА

Големо благодарам за искрата која ја поттикнавте во нас. Наша задача е да го разгориме огнот и да успееме и нашето искуство да го поделиме на следна средба во училиштата, изјави претставник на училиште на промоцијата.

Национален ромски центар во соработка со Министерство за образование и наука на Република Македонија организираше промоција и дистрибуција на Прирачникот за спречување и заштита од дискриминација во воспитно-образовниот процес во Р.М за основните и средните училишта, со поддршка од Ромскиот образовен фонд. Прирачникот е изработен и дистрибуиран во печатена и електронска верзија, и е преведен и достапен на јазиците на припадниците на сите етнички заедници во Р.М во електронска форма.

Промоцијата на Прирачникот се реализираше во периодот на април и мај 2011 година, регионално во пет градови во Р. Македонија (во секој од овие пет града беа поканети и претставниците од училиштата од околните општини), со што беа опфатени сите општини од целата држава за да се промовира Прирачникот чија намена ќе треба да го најде своето место во образовните институции. Беа поканети вкупно 96 средни училишта и 358 основни училишта од сите општини.

Промотори на Прирачникот беа претставниците од МОН и НРЦ, членови на работната група која учествуваше во подготовките и изготвувањето на Прирачникот:

– Реџеп Али Чупи, директор на Управа за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците-координатор на работната група;

– претставници на МОН: Георге Николов, Дана Бишкоска, Љупчо Спасовски, Назихтере Сулејмани, Наде Стоименова;

– претставник од НРЦ,  Катерина Шојиќ, член на работната група за Прирачникот.

Во секој град на регионално ниво беа поканeти директорите и педагошко-психолошките служби од основните и средните училишта од општината која беше домаќин и од соседните општини. Промоторите најпрвин го претставуваа Прирачникот од содржински аспект и ја објаснија целта за неговото издавање и потребата од примена во воспитно-образовниот процес. По завршување на презентацијата следуваше дискусија и секој од присутните имаше можност да дискутира на оваа тема. На сите присутни им беа доставени Прирачниците во печатена форма и две електронски изданија.  Од училиштата кои беа поканети, а не присуствуваа на настанот, примероци од Прирачникот им беа доставени по пошта.

Првата промоција беше реализирана во Скопје на 27-ми и 28-ми април во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин” и беа поканети претставници од сите средни училишта и основните училишта од сите општини во Скопје. Следниот промотивен настан беше во Прилеп на 10 мај 2011 год. во сала на општина Прилеп. На овој промотивен настан беа поканети претставници на основните и средните училишта од Прилеп, Велес, Кавадарци, Неготино, Битола, Охрид, Ресен и Струга.

На 11 мај во општина Тетово беше реализирана промоцијата во салата на општината и беа поканети претставници на основните и средните училишта од Тетово, Гостивар, Дебар, Маврово, Кривогаштани. Настанот беше отворен од страна на Градоначалникот на општина Тетово.

На 12 мај во општина Штип беше реализирана промоцијата во салата на општината и беа поканети претставници на основните и средните училишта од Штип, Кочани, Пробиштип, Виница, Делчево, Струмица, Црник, Берово, Трботивиште, Радовиш. Дојран и Валандово. Настанот беше отворен од страна на Градоначалникот на општина Штип.

На 13 мај во големата општинска сала за состаноци во Куманово се одржа промоцијата и беа поканети претставници на основните и средните училишта од Куманово, Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Старо Нагоричане и Липково. Дискусијата се одвиваше во насока на истакнување на потребата од зајакнување на стручните служби во училиштата со вработување на социјален работник, како би се влијаело врз намалување на дискриминацијата и подобрување на општата клима во училиштата.

Дел од поканетите учесници на промоциите имаа перцепција дека Прирачникот е применлив само за припадниците на ромската заедница, бидејќи е направен во соработка и со логистичка поддршка на Национален ромски центар. Уште еднаш истакнуваме дека целта на Прирачникот е да ја подобри и зајакне соработката и координацијата помеѓу сите надлежни институции и индивидуи вклучени во воспитно-образовниот систем, во насока на обезбедување на еднакви услови и можности за квалитетно образование на сите деца без разлика на верска, национална, религиозна или било каква друга основа.

Инспирирани од идејата за јакнење на капацитетите, препознавање, превенција и заштита од дискриминација, Министерството за образование и наука на Р.М. и Национален ромски центар го подготвија Прирачникот за заштита и спречување на дискриминација во воспитно образовниот процес, финансиски подржан од Ромскиот образовен фонд. Прирачникот претставува корисна алатка и придонес за правилно планирање, реализација и контрола на воспитно образовниот процес, за да се спречат појавите на сегрегација и дискриминација и да се промовира антидискриминативната политика во училиштата.

Изработката на Прирачникот започна во јуни 2009 година со размена на искуство со претставници на Министерство за образование на Р.Србија и граѓанскиот сектор. За подготовката Прирачник беа организирани работни средни и беше спроведена анкета за да се добијат првични согледувања околу состојбата во училиштата Во текот на 2009/2010 година се организираа работните средби во 10 градови во кои беа опфатени вкупно 110 училишта од кои 66 основни и 44 средни училишта.

Работните средби беа организирани посебно со директори, претставници од педагошко–психолошките служби, претставници од локалната самоуправа одговорни за образование,  и наставници. Државните просветни инспектори, родителите и учениците беа опфатени преку анкета.

На 16 и 24 септември 2010 година Национален ромски центар (НРЦ) заедно со Министерството за образование и наука на Р.М, организираше обука на државните просветни инспектори и овластените општински инспектори за примена на Прирачникот за спречување и заштита од дискриминација во воспитно образовниот процес во Република Македонија.

Да работиме напорно и во иднина како до сега, затоа што ништо нема да направиме ако тука застанеме. – Изјава од учесник на промоцијата на Прирачникот пред основните и средните училишта.

[post_gallery]